Велика Британија

Уште еден напад со „Новичок“ во Солсбери

05.07.2018 12:20

По Скрипаљови, уште една двојка во Солсбери настрада од нервниот агенс „Новичок“. Двајцата Британци се во критична состојба. Полицијата истражува дали двојката била нечија конкретна цел. Засега не можат да потврдат дали отровот доаѓа од истиот извор како и кај Скрипаљови...

Нов напад со „Новичок“ во Солсбери. Полицијата потврди дека хоспитализираната двојка била отруена со истиот нервен агенс со кој беше нападнат поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка Јулија. Примероци се земени од местото на нападот во градот Ејмсбери. Анализи се извршени во воениот истражувачки центар „Портон даун“, а сега истрагата преминува во полицискиот оддел за антитероризам. Чарли Раули и Дон Старџес се во критична состојба.

Првин била хоспитализирана жената, а неколку часа подоцна, болницата добила уште еден повик од истата адреса откако се влошила состојбата на 45-годишниот маж. Анализата од Портон даун покажува дека и двајцата биле изложени на нервниот агенс „новичок“, истиот отров кој беше користен во нападот врз Јулија и Сергеј Скрипаљ“, изјави Нил Басу, заменик- комесар во лондонската полиција.

„По мартовските случувања, воспоставивме добар одговор за овој тип инциденти и процесите кои следуваат. Приоритет е грижата за пациентите и анализа на околностите во коишто им се влошила состојбата“, вели Сали Дејвис, главен медицински претставник на Англија.

Откако ги слушнав сирените, проверив на социјалните медиуми што се случува. Пишуваше дека имало противпожарни возила, луѓе кои отишле да видат што се случува. Потоа локалното радио ја објави веста. Видов и фотографии, но загрижуваше тоа што не беше вообичаена кризна ситуација, а сепак на местото на настанот имаше амблулантни и противпожарни возила. Шокирана сум, не сакам да се повтори истото од пред неколку месеци“, изјави Розмари Нортинг.

„Новичок“ е моќен и отпорен нервен агенс развиен од Советскиот сојуз во 70-тите и 80-тите години на минатиот век. Се активира за само неколку минути при што ги блокира пораките од нервите до мускулите и ги парализира телесните функции.

 

Маја Филдишев