Германија

Меркел: Владата е стабилна и покрај спорот за миграцијата

05.07.2018 12:26

Германската канцеларка Меркел на удар од критики поради политичкиот курс кон бегалците. Треба да се воспостави режим за секој вид миграција, така што луѓето ќе знаат дека законот и редот се почитуваат, вели Меркел. Канцеларката и министерот за внатрешни постигнаа согласност да се отворат кампови за мигранти на границата со Австрија...

Германската канцеларка Меркел смета дека спорот околу мигрантска политика меѓу владините партнери, не ја нарушил стабилноста на нејзината коалициска влада. Сепак не ветува дека нема да има нови спорови бидејќи тоа е вообичаено во влада со три партии. Канцеларката и министерот за внатрешни работи, Зехофер по неколку недели успеаја да постигнат компромис за бегалската политика. Договорено е на границата со Австрија да се изградат транзитни центри од каде што барателите на азил би се враќале во земјите каде што претходно биле регистрирани.

„Транзитните центри имаат ограничување, бидејќи според основниот закон, слободата на човек може да му се ограничи максимално до 48 часа. Тоа значи дека трансферот во друга земја мора да се случи во тоа време. Во спротивно, оваа процедура преку транзитниот центар не е возможна“, изјави канцеларката Меркел.

Меркел рече дека миграцијата е „глобален проблем кој бара глобално решение“ и дека државите не можат да се справат сами, како и дека иднината на ЕУ зависи од тоа каква одлука ќе биде донесена.

„Разговарав со Грција во Европскиот совет, а има и други земји со кои треба да се разговара на оваа тема. Така се договоривме“, изјави Меркел.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека Унгарија не може и не сака да прима мигранти, но дека е подготвена да помогне за враќање на илегалните мигранти во Грција. На министерот за внатрешни Зехофер му рекол дека позицијата на Унгарија за миграцијата била искрена и директна уште од почетокот на кризата.

Во меѓувреме, германската влада депортираше 69 Авганистанци, чии барања за азил биле одбиени како неосновани. Авганистанците со авион беа пренесени од Минхен до Кабул.

Марина Ристова