Тајланд

Загина маринец при спасувањето на момчињата од пештерата

06.07.2018 10:36

Загина волонтер во спасувачката операција на Тајланд за извлекување на јуниорската фудбалска екипа којашто е заробена во пештера. Поранешниот припадник на елитната воена единица „Фоки“ носел резервоари со кислород и настрадал додека се враќал кон излезот...

Поранешен тајландски маринец загина во операцијата за спасување на 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер заробени во поплавена пештера. 38-годишниот Саман Гунан поставувал резервоари со кислород на патеката која би се користела за бегство на екипата.

Условите во пештерата се многу тешки. Откако го оставил резервоарот со кислород, враќајќи се изгубил свест. Неговиот колега му даде прва помош, но не успеа да го спаси. Нема да дозволиме неговата жртва да биде залудна. Продолжуваме натаму“, изјави адмирал Апакорн Јуконгкаев.

Спасувачкиот тим е во трка со времето, метеоролозите преудпредија дека се очекуваат нови поројни дождови. Поради зголемениот број луѓе во каналите, нивото на кислород во пештерата се намалува.

Момчињата, на возраст од 11 до 16 години, се заробени скоро 13 дена откако отишле да ги истражуваат пештерите по фудбалски натпревар на 23-ти јуни. Тие беа откриени од двајца британски доброволци, но властите сè уште се обидуваат да го утврдат најбезбедниот начин да ги извлечат од мрежата од поплавени пештери.

Седум маринци, вклучувајќи и две медицински лица, се грижат за групата, а други повремено пристигнуваат за да ги донесат потребните набавки.

 

Маја Филдишев