Шекеринска: Правиме сѐ за обука на војниците како идни припадници на НАТО

06.07.2018 12:43

Министерката за одбрана Шекеринска присуствуваше на завршницата на воената вежба „Летен кампус 2018“ на која што учествуваат питомци од 11 држави...

Македонската Армија, Воената академија и Министерството за одбрана прават сѐ за обука на војниците како идни припадници на НАТО, изјави министерката за одбрана Шекеринска на завршницата на воената вежба „Летен кампус 2018“ на која што учествуваат питомци од 11 држави.

„Македонија не ја чекаше поканата за НАТО. Македонија работеше и работи да ги исполни сите критериуми, да ги исполни сите стандарди. И ова што денеска го видовте е само еден од тие примери. Дека македонската Армија, дека Воената академија и Министерството за одбрана навистина прават сѐ да обучат модерна армија, армија која ќе биде членка на НАТО алијансата, да ги обучат новите генерации питомци и идни офицери, кои практично целата своја кариера ќе ја развиваат во рамките на НАТО сојузот“, рече министерката Шекеринска.

Денеска, додаде, ова беше пример и на тоа колку Македонија работи на подобрување на своите контакти и својата соработка со сите соседи.

Меѓународниот проект „Летен кампус 2018“ има за цел да ја доближи до младите питомци и идни мировници комплексноста на идните предизвици во постконфликтните операции. Се одржуваше во периодот од 26 јуни до денеска, во Центарот за обука „Пепелиште“ и армискиот полигон „Криволак“ и вклучува повеќе од 120 учесници од 11 држави, питомци од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Романија, САД, Косово, Хрватска, Црна Гора и Република Македонија како домаќин.