Свет

Жртви при евакуацијата во Тајланд

06.07.2018 13:06

Поранешен маринец- специјалец е првата жртва на двонеделната драма со младите фудбалери на Тајланд. Се онесвестил при поставувањето канистри со кислород за претстојната евакуација. Спасувачите во трка со времето, утре почнува сезоната на монсуните...

Поранешен тајландски маринец загина во операцијата за спасување на 12 момчиња и нивниот фудбалски тренер заробени во поплавена пештера. 38-годишниот Саман Гунан поставувал резервоари со кислород на патеката која би се користела за бегство на екипата. Успеал да им однесе три, но се онесвестил додека се враќал по каналот за кој му требале 5-6 часа да го преплива.

Условите во пештерата се многу тешки. Откако го оставил резервоарот со кислород, враќајќи се изгубил свест. Неговиот колега му даде прва помош, но не успеа да го спаси. Нема да дозволиме неговата жртва да биде залудна. Продолжуваме натаму“, изјави адмирал Апакорн Јуконгкаев.

Спасувачкиот тим е во трка со времето, метеоролозите предупредија дека се очекуваат нови поројни дождови. Поради зголемениот број луѓе во каналите, нивото на кислород во пештерата се намалува. Момчињата, на возраст од 11 до 16 години, се заробени речиси13 дена откако отишле да ги истражуваат пештерите по фудбалски натпревар на 23 јуни.

Тие беа откриени од двајца британски доброволци, но властите сè уште се обидуваат да го утврдат најбезбедниот начин да ги извлечат од мрежата од поплавени пештери. Седум маринци, вклучувајќи и две медицински лица, се грижат за групата, а други повремено пристигнуваат за да ги донесат потребните набавки.

Маја Филдишев