Европа

Силно невреме во Хрватска, Словенија и Италија

06.07.2018 13:14

Температурни амплитуди од двете страни на Атлантикот. Во Словенија, Хрватска и Италија оркански ветришта. Во Канада жртви од високата температура...

Силно невреме проследено со силен ветар и дожд погоди делови од Хрватска, Словенија и Италија. Според метеоролозите се очекува бурата дополнително да се засили.

Невремето зафати делови од северозападот на Хрватска, вклучувајќи го и подрачјето на Загреб. Погодени беа и делови од соседна Словенија, покрај границата со Хрватска како и делови од Корушка. На ниво на целата земја е прогласен жолт метео аларм.

На одредени места паднал и град, а поплавените улици ја отежнуваат работата на пожарникарите. Големи проблеми по силната бура се забележани и на североистокот од Италија.

Десетици жртви од топлиот бран во Канада

Од другата страна на Атлантикот, во Канада, најмалку 33 лица починаа од последици од жешкиот бран што во последните неколку дена ја погоди канадската провинција Квебек. 18 смртни случаи се забележани во Монтреал, каде што се очекува температурата да достигне и до 45 целзиусови степени. Повеќето од жртвите живееле на високите катови на згради и немале клима уреди.

„Сега се во тек интервенции. Нашите тимови најпрвин ќе одат во најпогодените делови“, изјави Валери Плант, градоначалник на Монтреал.

Топлиот бран почна кон крајот на јуни, и го погоди источниот дел на Канада. Предупредување од високи температури е на сила се во Јужен Квебек, Онтарио и атлантскиот дел на Канада.

 

Марина Ристова