Одбрана

Заврши воената вежба „Летен кампус 2018“

06.07.2018 14:16

Македонската Армија, Воената академија и Министерството за одбрана прават сѐ за обука на војниците како идни припадници на НАТО, изјави министерката за одбрана Шекеринска на завршницата на воената вежба „Летен кампус 2018“ на која што учествуваат питомци од 11 држави.

Над 120 питомци од 11 земји- членки на НАТО и од соседни држави учествуваа на меѓународниот високообразовен одбранбен проект на Воената академија- „Летен кампус 2018“ на армискиот полигон Криволак. Министерката за одбрана Шекеринска вели дека вежбата се одржува пред добивањето покана за членство во Алијансата, со што Армијата испраќа порака дека ги исполнува највисоките НАТО стандарди за воени операции.

Младите питомци и идни мировници демонстрираа справување со нови безбедносни предизвици и градење мир во постконфликтни меѓународни операции. На полигонот Криволак се одржа и тактичка вежба „Сеопфатен пристап кон мировните операции“. Инструкторите беа од воените академии на Македонија, Британија и на Германија.

Кон крајот на јули, припадници на македонскте и американските специјални сили ќе имаат заедничка вежба на Криволак.

По поканата за НАТО, на армискиот полигон Криволак ќе има повеќе вежби на армиите од земјите членки на Алијансата.

 

Ирина Гелевска