Омбудсманот бара сеопфатна истрага за трагедијата во Велес

06.07.2018 14:24

Од канцеларијата на Народниот правобранител велат дека доставиле препорака до министерката за труд и социјална политика, во која посочуваат дека е потребно да се испита дали семејството кое било во социјален ризик ја добивало предвидената законска помош...

Народниот правобранител бара сеопфатна истрага за трагедијата во Велес, во којашто животот го загубија три дечиња. Од канцеларијата на омбудсманот велат дека доставиле препорака до министерката за труд и социјална политика, во која посочуваат дека е потребно да се испита дали семејството кое било во социјален ризик ја добивало предвидената законска помош.

„Дали вака поставениот систем е соодветен на потребите на секое лице кое што е социјално загрозено во Република Македонија. Да се има точен преглед за секое лице, за какви семејства станува збор, за какви потреби на семејства станува збор и дали државата, органите надлежни за овие прашања можат да излезат во пресрет на нивните потреби“, вели Васка Бајрамовска- Мустафа, заменик народен правобранител.

Народниот правобранител доставил допис и до ресорниот министер Филипче. По претставки од граѓани утврдиле дека Законот ги ограничува осигурениците, доколку немаат здравствено осигурување од најмалку шест месеци во континуитет. Бајрамовска посочи пример на дете со посебни потреби, кое има 90 проценти оштетување на слухот. Вели, не може да користи батерии за слушно помагало на товар на Фондот, па родителите ги купуваат на свој трошок.

„Неговата мајка која што имала здравствено осигурување пред прекинување на работниот однос се пријавила во Агенцијата за вработување, меѓутоа има прекин во осигурувањето, а не помогнало ниту тоа што таткото во меѓувреме заснова работен однос и е здравствено осигуран. Се бара согласно решението на Фондот повикувајќи се на Законот за здравствено осигурување и на правилникот осигуреното лице има континуирано шест месечно здравствено осигурување. Сметаме дека оваа одредба мора да претрпи измени“, изјави Бајрамовска- Мустафа.

Од канцеларијата на омбудсманот бараат измени во делот на здравствена заштита и осигурување.

 

Андријана Атанасовска