Влада и НВО

Владата вети нулта толеранција кон корупцијата

06.07.2018 15:13

Нулта толеранција кон корупцијата, вети Владата пред граѓанските организации. Надлежните признаваат дека предизвиците се големи. Велат- преку ноќ не може да се очекуваат резултати. Невладините предлагаат да се формира центар што ќе ги анализира тендерите, да се конфискува имот, да се отстрани влијанието на политиката врз Антикорупциската комисија...

Борбата против корупцијата мора да е постојана и никако само декларативна. Заклучок од отворениот состанок меѓу невладиниот сектор со дел од министрите во Владата. Секогаш високо на агендите, но ниско во конкретното спроведување на намалувањето на корупцијата- самокритични беа министрите кои секој во својот ресор се обидува да ја намали негативната појава.

На отворениот ден со невладините организации се слушнаа 12-тина проекти како до помала корупција во институциите. Ако здравството е особено ранливо на корупција, образованието е под постојан притисок- рекоа говорниците.

Заедно со невладиниот сектор се подготвува новиот закон за антикорупциската комисија која во овој момент не функционира.

Министрите гласно со апел до граѓаните да го пријават секој обид за поткуп, и покрај фрапантниот податок за земјите од Западен Балкан кој укажува дека една четвртина од анкетираните би платиле и ќе си молчат само да ја завршат побргу работата.

Миле Ристески