Концерт на Влатко Стефановски на 1-ви август во Охрид

25.07.2018 17:33

Ќе настапи со гостите Биља Крстиќ од Србија, Теодоси Спасов од Бугарија, Танос Ставридис од Грција, Весна Гиновска - Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.

На 1-ви август Охрид ќе биде центар на бројни музички настани, а меѓу нив е и концертот на легендарниот гитарски виртуоз Влатко Стефановски, кој после трите распродадени концерти во Македонската филхармонија, својот нов албум „Мајчин јазик“ го носи и во Античкиот театар во Охрид. Ќе настапи со гостите Биља Крстиќ од Србија, Теодоси Спасов од Бугарија, Танос Ставридис од Грција, Весна Гиновска - Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.

Танос Ставридис е еден од најпознатите современи етно музичари во Грција. Со својата хармоника ги оживува и афирмира балканските звуци и музика на свој оригинален и препознатлив начин. Ова не е негова прва соработка со Влатко Стефановски.

Албумот „Мајчин јазик“ излезе кон крајот на минатата година и доби пофални зборови и од критиката и од публиката, а освен промоцијата на домашен терен, музичарот одржа концерти во повеќе земји од регионот. Го очекуваат и настапи на фестивалите „Драм-дам фест“ во Лесковац и „Рокеријадата“ во Петровац на Млава.

Александра Спировска