Бројни културни и музички настани во шпицот на сезоната во Охрид

30.07.2018 15:22

Во наредните десеттина дена Охрид ќе биде преполн со туристи. Тоа го ветуваат бројните културни, но и музички настани, во рамки на кои ќе настапат домашни, регионални и светски музички ѕвезди, кои на охридското крајбрежје ќе привлечат гости од цела Европа...

Како и секогаш пред и за време на илинденските празнувања Охрид ја доживува кулминацијата на летната туристичка сезона. Сепак се чини дека најголем број од туристите, меѓу кои ќе бидат и оние од Западна Европа во македонскиот туристички бисер ќе дојадат поради фестивалот „Охрид Колинг“, при што ќе можат да ја видат елитата на светската електронска музика. За најдобрите светски диџеи на стадионот „Билјанини Извори“ од вчера се монтира најголемиот концертен подиум во регионот, поголем дури и од тој на Егзит.

„На први август ги имаме водечкиот тандем, моментално број еден во светот Димитри Вегас и Лајк Мајк, на втори Роџер Санчез и Џекс Џонс, а на 4 август го имаме ветеранот Армин ван Бурен“, изјави Ивана Нолчева- „Авалон продукција“.

„Интересот за фестивалот е фантастичен. Значи оваа година за прв пат, до лани за фестивалот продававме карти на локалните тикет сервиси и на балканскиот евентим. Оваа година за прв пат се јави Евентим Јуроп кој што побара карти за овој фестивал што е фантастично, не само за овој фестивал, туку за цела Македонија“, вели Денис Илиоски- „Авалон продукција“.

На летните сцени во Охрид во наредните 15-тина дена ќе продефилира и елитата на македонската естрада што ќе биде причина повеќе да се посети охридското крајбрежје.

„Гледавме пред сѐ да имаме богата и широка понуда која ќе ги задоволи сите вкусови и за сите возрасти. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и понатаму“, изјави Илија Пиперкоски, општина Охрид.

За наредната година од локалната самоуправа најавуваат повеќе активности за развој на концертниот туризам, што треба да придонесе за збогатување и продолжување на туристичката сезона.

 

Сашо Нелоски