Научна и уметничка визита во Куќата на Уранија- МАНУ од 7-ми до 27-ми август

03.08.2018 16:13

Ќе почне во вторник, 7-ми август, со изложба на ракописи и епиграфски споменици. До крајот на манифестацијата на 27-ми август ќе има уште шест настани...

Научната и уметничка визита која се одржува во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид ќе почне во вторник, 7-ми август, со изложба на ракописи и епиграфски споменици. До крајот на манифестацијата на 27-ми август ќе има уште шест настани.

Изложбата за отворањето е насловена „Македонска писменост: Од доаѓањето на св. Климент во Македонија до потпаѓањето на Самоиловото царство под византиска власт (886–1018)“. Автор е академик Ѓорги Поп-Атанасов и за посетителите ќе биде отворена до 7-ми септември.

На 8 август ќе има заедничко предавање на академиците Луан Старова и Васил С. Толе – „Полифонија и Полифонисти“, а се однесува на регистрацијата на изополифонијата на списокот на УНЕСКО на нематеријалното наследство и на романот „Полифонисти“.

Следната програмска содржина на Научната и уметничка визита 2018 е на 11-ти август кога ќе биде промовирана книгата „Лихнид и Десаретија“ од академик Вера Битракова Грозданова, а на 15-ти август ќе има оперски концерт на тенорот Влатко Груески во придружба на пијанистот Андреј Наунов.

На 19 август во Куќата на Уранија-МАНУ во Охрид ќе се одржи поетски портрет на академик Радован Павловски, на 24 август ќе има поетско читање во рамки на Струшките вечери на поезијата, а на последниот ден од манифестацијата (27 август) ќе биде промовиран зборникот „За и од Киро Глигоров“  по повод 25-годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите нации.