Се заштитува оригиналниот фрескоживопис на црквата „Свети Никола“ во Зрзе

06.08.2018 11:03

Мајсторите на фрески во 14 век направиле ремек дело во црквата во манастирот Зрзе, но и во скриениот бисер- црквата „Свети Никола“ во селото под манастирот. Еден месец конзерваторите работеа на заштита на живописот во селската црква кој, велат, е оригинален не само за овие, туку и за балканските простори...

Таа е скриен бисер во подножјето на манстирксиот комплекс Зрзе. Црквата „Свети Никола“ е пример на оригиналната архитектура, но и на врвна ликовна уметност на фрескоживописот од 14-ти век. Во сенката на монументалниот манастирски комплекс цркавата ја раскажува сопствената приказна. Има, речиси, целосно зачуван живопис, главно, дело на мајсторот Онуфриj од Костурско, кој се школувал во Венеција. Прво работел во манастирската црква „Свето Преображение“, па ја сликал и селската и создал неповторлива уметност.

Неколку години се работи да се зачува оваа оригинална црква со високи уметнички квалитети. Неопходно ѝ е препокривање.

Комплетното доживување за посетителите почнува со црквата „Свети Никола“ во селото Зрзе, за да се почувствува спокојот на Манастирот над бигорна карпа кој ги чува зачетоците на монаштвото од 9-ти век.

 

Елизабета Митреска