Индонезија

Нов земјотрес во Ломбок, паника на улиците

09.08.2018 12:14

Додека се пребројуваа жртвите, исчезнатите и повредените по разурнувачкиот земјотрес на Ломбок, островот повторно го стресе нов, од 6,2 рихтери. Индонезиските служби ја соопштија најновата бројка: 227 загинати и 1.400 повредени...

Нов силен земјотрес со интензитет од 6,2 рихтери го погоди индонезискиот остров Ломбок. Епицентарот бил на длабочина од 12 километри во североисточниот дел од островот. Тоа е третиот силен потрес во Ломбок за повеќе од една недела.

Потресот довел до нови уривања на згради, а предизвикал и паника меѓу жителите.

„Сѐ се тресеше многу силно. Бевме многу исплашени бидејќи овде беше епицентарот“, изјави Ади Путра, волонтер од западен Ломбок.

„Бевме во автомобилот. Кога почна да тресе, истрчавме надвор“, изјави Еки Сусилавати, волонтер од западна Јава.

Според медиумите нема опасност од цунами, но спасувачките екипи се подготвени на најлошото. Портпаролката на индонезискиот Црвен крст истакна дека е неопходна помош за повеќе од 20 илјади луѓе кои останале без покрив над главата.

„Сега сме малку помирни бидејќи семејства беа повторно обединети и почнавме да добиваме помош“, вели еден евакуиран жител.

Властите очекуваат бројот на жртви да продолжи да расте, бидејќи итните служби и натаму ги расчистуваат урнатините во потрага по преживеани. Досега се регистрирани 227 загинати, а 1.400 се повредени. Бројот на раселени е огромен, изнесува над 150 илјади.

Индонезија се наоѓа во Пацифичкиот огнен прстен. Во 2004-та, во цунами предизвикано од земјотрес во Индонезискиот Океан загинаа 226 илјади жители и туристи од светот.


Марина Ристова