Свет

Заострена реторика меѓу Венецуела и САД

09.08.2018 12:57

По саботниот обид за атентат врз претседателот Мадуро, Врховниот суд побара апсење на опозицискиот лидер во Венецуела. Во земјата се уапсени уште шест лица, јавуваат светските агенции...

Заострува реториката меѓу Венецуела и Соединетите Американски Држави. Откако венецуелскиот претседател Николас Мадуро одговорност за обидот за атентат побара директно од САД и од Колумбија, реагираше американската амбасадорка во Обединетите Нации, Ники Хејли. Според неа, во Венецуела во моментов постоела криза и ги повика регионалните лидери да сторат повеќе.

„Постои криза во регионот кон која што не се пристапува гласно и активно како што ние би сакале. Мислам дека треба да сториме повеќе. Меѓународната заедница и светот воопшто мора да сфатат дека во Венецуела има диктатор што прави се за да се заштити себе си, жртвувајќи го венецуелскиот народ“, изјави Ники Хелји, амбасадор на САД во ОН.

Во меѓувреме, венецуелскиот Парламент им го одзеде имунитетот на дел од опозициските пратеници за кои што постои сомнение дека учествувале во обидот за атентат. Врховниот суд пак, поради сомненија за вмешаност во атентатот, нареди апсење на опозицискиот лидер Хулио Борхес. Го одобри и приведувањето на пратеникот Хуан Рекусенс, кој што заедно со неговата сестра, беше еден од предводниците на насилните улични протести против претседателот под паролата Отпор.

Венецуелскиот јавен обвинител информира дека од 19 лица вклучени во нападот, шестмина се зад решетки. Нападот бил директно изведен од 11 мина атентатори, а според венецуелските власти, финансиерите на групата, кои што биле од Богота и Флорида, им ветиле 50 милиони долари и постојан престој во Соединетите Американски Држави во земена за убиството на претседателот.

„Наводните финансиери се лоцирани во Колумбија и во САД. Се надеваме дека согласно договорот за екстрадиција со Колумбија, тамошната влада ќе ги спроведе овие криминалци назад во Венецуела“, изјави Тарек Вилијам Сааб, јавен обвинител на Венецуела.

Во експлозиите на дроновите со кои што беше планирано убиството на Мадуро, повредени се седумина војници. Одговорноста за атентатот ја презеде групата Војници во маички, која што своевремено ги предводеше насилните протести против претседателот под паролата Отпор. Вмешаност во инцидентот во интервју за Ројтерс призна и поранешниот венецуелски полициски шеф, Салвадоре Лучезе, кој што оправдувајќи го атентатот, истакна дека ниту еден диктатор не си заминал мирно. Тој во моментов живее во странство и од таму се координира со учесниците во т.н. Отпор.

 

Марија Котовска