Подготвеност за НАТО

09.08.2018 14:16

Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО, најави американскиот командант за Европа, Скапароти, по средбата со министерката Шекеринска. Земјава ќе биде доверлив сојузник во НАТО...

Македонските војници се одлично подготвени за мисиите на НАТО, оцени командантот на силите на Алијансата и на американските сили во Европа, генерал Кертис Скапароти. На средбите во Министерството за одбрана и генералштабот на АРМ, Скапароти предложил како Македонија поефикасно и побрзо да ги заврши подготовките за да стане 30-та земја членка на НАТО.

„Сакам да ги пофалам вашите трупи за јасната обука и покажаната дисциплина и подготвеност, како и да истакнам дека тие користат НАТО стандарди и НАТО постапки. Тоа што денеска го видовме е навистина значајно“, изјави генерал Кертис Скапароти, врховен командант на НАТО за Европа.

Министерката за одбрана Шекеринска истакна дека Македонија ќе е доверлив партнер на НАТО и по зачленувањето. Посочи дека граѓаните на претстојниот референдум ќе ја одберат иднината во НАТО и ЕУ.

„Како идна членка на НАТО од почетокот на оваа година го зголемивме македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“ за 20 проценти. До крајот на годината испраќаме поддршка за изборите во Авганистан, но и дополнително зголемување на нашите трупи“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Врховниот командант на НАТО за Европа имаше средба и со премиерот Заев во Владата, на која се раговарало за чекорите што Македонија треба да ги направи до полноправното членство во Алијансата. Генерал Скапароти верува дека Македонија ќе стане 30-та членка со што ќе се зголеми безбедноста и стабилноста на Западниот Балкан.

 

Ирина Гелевска