МВР

Обвинувања по убиството во Беловодица

17.09.2018 15:29

„Полицијата реагираше веднаш. За неколку часа е утврден сторителот и изведен пред лицето на правдата“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за свирепото убиство во Беловодица. Опозицијата бара да си поднесе оставка. Тој одговара - полицаецот бил вработен во време на ВМРО-ДПМНЕ...

Полицаецот Енвер Тоска кој брутално го уби 36- годишниот битолчанец бил примен на работа во МВР во времето кога ВМРО-ДПМНЕ биле на власт, вели министерот Спасовски. Тој изрази жалење и го осуди настанот, но истакна дека македонската полиција брзо реагирала, сторителот за неколку часа бил идентификуван и изведен пред лицето на правдата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат- Спасовски да не бега од одговорност, да не го набедува ВМРО-ДПМНЕ и да си поднесе оставка.

Убиството се случи во прилепското село Беловодица. Осомничениот прво ја застрелал, а потоа и ја запалил жртвата. Телото го пронашол случаен минувач.

Анита Димитријевска