Хан: На 30-ти септември ја определувате својата иднина

18.09.2018 10:21

Скопје деновиве е најпосетувана дестинација од европските политичари. Тоа е доказ дека вашата земја ја има поддршката од меѓународната заедница, оценка на еврокомесарот Хан. Круна на нашиот напредок ќе биде почетокот на преговорите за членство во Европската унија, изјави премиерот Заев...

Вашата земја ја има поддршката од меѓународната заедница. Доказ за тоа се секојдневните посети од европските политичари, вели еврокомесарот Јоханес Хан. Уште еднаш повика граѓаните да излезат на референдумот и да гласаат.

Според него, важно е граѓаните да донесат информирана одлука преку квалитетно известување. Информирајте се и искористете го демократското право на глас и слободен избор, особено младата генерација. Одете да гласате и одлучете за можностите кои ви се нудат, рече Хан.

Тој повторно искажа поддршка за договорот меѓу Македонија и Грција.

„Договорот е силно поддржан од меѓународната заедница зашто е чувар на земјата и на евроатлантските перспективи, но одлуката за него е одлука која граѓаните независно треба да ја донесат. Тоа ќе биде важен прилог за земјата и за регионот. Останува на вас да решите на 30-ти септември. Вратата на ЕУ е отворена, но вие решавате дали ќе ја искористите можноста. Нема време за губење“, порача Хан.

Круна на нашиот напредок ќе биде почетокот на преговорите за членство во Европската унија, изјави премиерот Заев. На 27-ми септември ќе го започнеме скринингот, а до јуни ќе покажеме конкретни реформски чекори како владењето на правото, борбата против корупцијата и реформите во администрацијата, истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан.