Косово

Захарова: Москва ќе ја почитува одлуката на Србија

10.08.2018 14:32

Од друга страна, американската амбасада во Белград, порача оти е време учесниците во преговорите за конечниот статус на Косово да бидат креативни и флексибилни.

Русија е доследна, Москва ќе ја почитува одлуката на српскиот народ за Косово, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни, Захарова. На прес конференцијата со српскиот шеф на дипломатијата, Дачиќ, Захарова порача- проблемот со Косово не ја засега единствено Србија. Оцени- ставот на Русија е заснован врз меѓународното право и Резолуцијата 1244.

„Русија нема да прифати три работи, некој да каже дека Косово се одвоило по пат на референдум, дека тоа е единствен случај во Европа и да се искривуваат историските сеќавања“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското МНР.

Велика Британија и Германија оценуваат дека повиците за корекција на границата меѓу Косово и Србија можеле да доведат до дестабилизација на регионот. Од друга страна, американската амбасада во Белград, порача оти е време учесниците во преговорите за конечниот статус на Косово да бидат креативни и флексибилни.

Побара од Белград и Приштина да предложат решение, а Вашингтон истовремено посакува да се вклучи во изнаоѓањето заеднички договор. Српскиот претседател, Александар Вучиќ претходно изјави дека Србија сака јасни, а не привремени граници, и додаде дека решението за Косово мора да биде сеопфатно.

Јас секако се залагам за разграничување со Албанците, и тоа е политиката што ја претставувам. Дали таа ќе ја добие поддршката од народот или не, не знам, но јас се залагам за тоа. Да имаме територија за која не се знае кој како ја третира и што на кому му припаѓа- тоа е секогаш извор на потенцијални судири и проблеми. Дали ќе успееме во тоа, тоа е веќе друга работа, не зависи од нас“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи најави распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за спојувањето со регионот на Прешевската долина, претежно населен со етнички Албанци.

„Се обврзувам да постигнам договор и по барање на претставниците на Прешево, предложив корекција на границата со Србија, како единствена можност да се легитимизираат барањата на тамошните Албанци. Ова не значи поделба за Косово, ниту автономија за Србите“, изјави Хашим Тачи, претседател на Косово.

Тачи посочи дека тоа ќе биде тежок, но неопходен процес и додаде дека се потребни максикални напори за да се постигне долгочекуваниот историски договор.

 

Марина Ристова