Квалитет на храна

Aнализата потврди- во соините трошки и шницли има присуство на ГМО

10.08.2018 14:50

Суперанализите, извршени во референтна европска лабораторија потврдија- соините трошки и шницли содржат генетски- модификувани организми. Ќе бидат уништени. Во време кога случајот е актуелен, јавниот сервис побара помош од науката. Баравме одговор за ефектите од ГМО врз здравјето на граѓаните...

Во соините трошки и шницли има присуство на ГМО- потврди суперанализата, извршена во референтна лабораторија во Европската унија, информира Агенцијата за храна и ветеринаство. Сојата е произведена од српската фирма „Сојапротеин“.

„Во Република Македонија, производите соини шницли увезени се од операторот со храна „Виталиа“, а дистрибуирани во прометот преку операторот со храна „КАМ ДОО Скопје“. Увозот на соините трошки, извршен е од страна на операторот со храна „Сопродекс“, а во прометот, исто така биле дистрибуирани преку операторот со храна „КАМ ДОО Скопје“- се наведува во сопштението на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оттаму посочуваат дека проиводите ќе бидат уништени, а контролите засилени. Науката, пак, сѐ уште утврдува кои се ефектите од генетески модифицираните производи врз здравјето на луѓето. Нашиот соговорник, доктор Александар Митов посочува дека постојат различни ставови.

Во САД се смета оти сѐ додека не се докаже штетното влијание на ГМО, тоа е дозволено во исхраната, а сосема спротивно е во Европа- законите забрануваат какво било присуство на ГМО сѐ додека не се докаже дека не штети на здравјето. Македонија е усогласена со Брисел, не се дозволува ГМО во исхраната. Властите, вели доктор Митов, не смеат да попуштат во однос на ова прашање.

„Како што се удоволи пушењето да биде дозволено на угостителите, како што се удоволи на произодителите на преработено месо да се тргне царината на замрзнатото месо, овој пат порачувам да не се дозволи на тие кои што притискаат за увоз на ГМО производи во Република Македонија, едноставно интересот на граѓаните да се стави на прво место, а не бизнис интересите. И заради тоа, мојата порака е- додека науката цврсто не каже дека нема никаков проблем со ГМО производите, дотогаш Република Македонија нема никаква потреба од брзање да ги увезува тие производи“, вели д-р Александар Митов.

Граѓаните не се сосема сигурни за ГМО производите.

„Така побрзо се создава храна за сиромашните земји, но лошо е да се мешаме во тоа што го создава мајката природа. Може да се случи да биде полошо, наместо подобро... Лошо е...“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

За доктор Митов неприфатливи се дилемите дали може да се толерираат одредени количини на ГМО во исхраната, со тоа што граѓаните сами би одлучиле дали ќе ги консумираат. Вели, подобро е да почитува принципот на безбедност и да се сочека одговорот на науката.

 

Фиљана Кока