ДИК

Собирање податоци за веродостоен избирачки список

10.08.2018 14:59

Собранието е овластениот предлагач за референдумот што му овозможува привилегирана предност при рекламирањето на изјаснувањето во медиумите. Гласачите да ја проверат точноста на податоците во канцелариите на ДИК или на официјалната електронска страница, повикаа во ДИК...

Бројката во Избирачкиот список од 1,8 милиони гласачи е реална, констатира Државната изборна комисија. Оттаму велат дека рокот од две недели за увид е доволен за да добиеме веродостоен список.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски објаснува дека ажурирањето се врши со податоците од Заводот за статистика и МВР. Ги повика граѓаните да ја проверат точноста на нивните податоци.

Деркоски вели дека Собранието, како овластен предлагач на референдумот, ќе има право на привилегиран пристап до медиумите за рекламирање. Сите други субјекти ќе имаат право да водат пропаганда со сопствени средства, под пазарни услови.

Од ДИК го појаснуваат и начинот на кој нашинците од дијаспората ќе можат да се пријават за гласање во дипломатско- конзуларните претставништва.

Досега јавен увид во подрачните единици на ДИК извршиле над 200 избирачи, а пријава во конзулатите и амбасадите по електронски пат пополниле над 150 граѓани.

 

Игор Панов