Поддршка за референдумот

Средба Заев- Хан: Излезете да гласате за себе и за идните генерации

18.09.2018 12:37

Излезете да гласате за себе и за идните генерации. Не ја пропуштајте единствената можност, бидејќи меѓународната заедница го поддржува Договорот со Грција, порака до граѓаните од еврокомесарот Хан. Круна на нашиот напредок ќе биде почетокот на преговорите за членство во Европската унија, изјави премиерот Заев. На 27-ми септември почнува скринингот...

„Немаме време за губење. Следната недела во Брисел почнува скринингот за реформите во Македонија. Освен решениот спор за името и реформите ќе се оценуваат за почнувањето преговори“- изјави еврокомесарот Хан. Вели, меѓународната заедница со посетите на земјава покажува дека го цени Договорот со Грција зошто е пример за мирно решавање на спор на Балканот.

Не сакам да кажувам Поранешна југословенска Република Македонија, би сакал во иднина да велам Северна Македонија, рече евркомесарот. Додаде, на 30-ти септември граѓаните имаат единствена можност да донесат важна одлука за својата иднина, и апелираше, тие да одлучат сами според своите интереси врз основа на информации.

„Мојата молба и апел е едноставна, искористете го своето демократско право на претстојниот референдум. Она што е важно тука е младата генерација, зошто сме виделе дека во многу европски земји, младите луѓе не се подготвени да гласаат, но знаеме од искуство дека секој глас е важен“, нагласи еврокомесарот Хан.

Македонија ја цени поддршката на ЕУ за реформите и договорот со Грција. Решаваме за иднината во Европската унија, истакна премиерот Заев. Посетите на европските политичари се сигнал дека Македонија е препознаена како следна земја за влез во Унијата.

„Граѓаните на Република Македонија никогаш не се чувствувале поблиски и подобредојдени во Европската унија отколку сега. Тоа посебно чувство се издвои со својот интензитет со дадената можност да говорам во Европскиот парламент на свој мајчин, македонски јазик како круна на заложбите на нашите искрени пријатели, Доналд Туск, Жан Клод Јункер, Федерика Могерини и се разбира господинот Хан, кои создадоа услови нашата земја да биде препознаена како една од следните која треба да си го заземе местото во семејството на Европската унија“, рече премиерот Зоран Заев.

Хан во Македонија упатил порака до сите политичари од власта и опозицијата дека не е време за политички игри и дека референдумот не треба да биде политички настан. Важно е сите да излезат на гласање, зошто одзивот покажува колку евроатланската интеграција е важна за државата.

Ирина Гелевска