Македонската филхармонија ја почнува новата сезона со концертот „Ново утро“

21.09.2018 11:33

Ќе настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“. Ќе го изведе најкомплексното дело за пијано, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев...

Македонската филхармонија ја почнува новата концертна сезона на 27-ми септември со концертот под наслов „Ново утро“, на кој ќе настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг.

Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, ќе го изведе најкомплексното дело за пијано, Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

На концертот „Ново утро“ ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оркестарот на Македонската филхармонија по подолга пауза ќе ја изведе и романтичната и атрактивна „Фантастична симфонија“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз.

Едно од најтешките дела во класичната литература за пијано е токму Концертот бр. 2 од рускиот композитор Сергеј Прокофјев. Пијанистите ќе се согласат дека тоа се однесува првенствено на техничките барања кои се на граница на изводливо.

Најпознатото дело на зачетникот на романтичарската програмска музика францускиот композитор Хектор Берлиоз, всушност, е автобиографски фрагмент кое се нарекува и „Епизода од животот на еден уметник“.