Фестивал на дебитантски филм

„Ругање со Христос“ за отворање на „Киненова“

04.10.2018 15:22

Од 3-ти до 12-ти во Младинскиот културен центар ќе се одржи меѓународниот фестивал на дебитански филм „Киненова“. Официјалното отворање е закажано за в петок со филмот на Јани Бојаџи „Ругање со Христос“, а во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу. Годинава „Киненова“ на актерката Аница Добра ќе ѝ ја врачи наградата за остварувања во светската филмска уметност...

Филмот „Ругање со Христос“ во режија на Јани Бојаџи ќе го отвори третото издание на фестивалот „Киненова“. Премиерата е закажана за утре. Бојаџи се жали дека Младинскиот културен центар му отстапил само 10 влезници, а преостанатите се на продажба. Тврди дека тој и остатокот од филмската екипа треба да си купат влезници доколку сакаат да присуствуваат на премиерата. Според режисерот, невозможна мисија станува и прикажувањето на филмот во други градови низ државата.

Го упатуваме режисерот Јани Бојаџи сите свои прашања, потреби и услови за прикажување на својот филм да ги постави кај оние кои го поканиле и селектирале и да се обиде со нив да ги расчисти сите услови за учеството на неговиот филм на фестивалот, реагираше Младинскиот културен центар. Оттаму побара извинување од Бојаџи и од организаторите на „Киненова“.

Се водевме според принципите на квалитетот на филмот и сметавме дека заслужува да биде во натпреварувачкиот дел и нема ништо навредливо во него, рече директорот на „Киненова“, Јовановиќ. Тој ќе го покани и министерот за култура на премиерата на филмот на Бојаџи.

„Киненова“ годинава реши наградата за особен придонес во светската филмска уметност да ѝ ја додели на српската актерка Аница Добра. Фестивалот ќе трае до 12-ти октомври.

 

Викторија Милевска