САД

Ураганот „Мајкл“ го зголемува интензитетот

10.10.2018 12:33

Жителите на Флорида во сериозна опасност од најновиот ураган од четврта категорија. Спроведена е масовна евакуација, а во три држави властите прогласија вонредна состојба. Невремето во Централна Америка усмрти над 10 луѓе...

Ураганот „Мајкл“ премина во четврта категорија од можните пет според скалата Сафир-Симпсон. Жителите на Флорида подготвени да се соочат со бурата што постепено го засилува интензитетот. Брзината на ветрот е проценета на над 200 км/ч. Властите спроведоа масовна евакуација на јужната држава. 370 илјади луѓе ги напуштија домовите. Затворени се училиштата и државните оддели. Гувернерот на Флорида, Скот мобилизираше 2.500 војници на Националната гарда.

„Домот можеме да ви го обновиме, но не и животот. Сфатете го ова сериозно“, изјави Рик Скот, гувернер на Флорида.

„Во одредена точка, бурата станува неверојатно опасна за возилата на патиштата. Нема да можеме да одговориме на повиците за помош, во таа фаза, луѓето се оставаат сами“, изјави полковник Џон Морис, полициски оддел.

„Овде мора да останеме неколку дена. Да бевме смао возрасни, ќе заминевме, но со нас се и децата.“

„ Пред некое време се доселивме овде од Ајова. Сега мора да се справиме со ова. Независно од локацијата на живеење, луѓето се загрижени. Природата влијае насекаде и затоа мора да се чуваме.“

„Јас и сопругата сме овде 10 години. Ова е третиот ураган за нас, преживеавме и неколку тропски бури, но сега е поинаку ова. Требаше да го затворам студиото за тетовирање, но ми се јавија клиенти кои закажаа термин, па решив да работам.“

„Беше хаотично на бензиската станица. Редици луѓе чекаа да стават бензин, сега е празен градов. Во нормални услови, местово е гласно и динамично“- велат жители на Флорида.

Освен во Флорида, вонредна состојба е прогласена и во Алабама и Џорџија. Во Алабама е издадено и предупредување за торнадо. Во Северна и Јужна Каролина, што се уште закрепнуваат од ураганот „Флоренс“, се очекуваат поројни дождови. Претседателот Донадл Трамп ги уверува своите сограѓани- подготвени сме за опасноста што ни следува.

„Соработуваме со локалните и државните власти на Флорида за да бидат преземени сите превентивни мерки. Ги повикуваме сите жители да бидат добро подготвени и да ги слушате локалните власти. Рик Скот знае дека сме подготвени за нив“, изјави претседателот Трамп.

Ураганот „Мајкл“ усмрти 13 лица во Централна Америка. Настрадаа делови од западна Куба, а персоналот на нафтените платформи во Мексиканскиот залив е евакуиран со што запре речиси една петтина од дневното производство.

 

Маја Филдишев