По Скопската чаршија, и Битола и Охрид ќе ги разубават излозите на дуќаните

10.10.2018 15:33

За оваа намена во буџетот на ресорот за економија се обезбедени 16,5 милиони денари, а сопствениците не партиципираат во трошоците за обнова на излозите на објектите.

Четири општини, Чаир, Центар, Битола и Охрид потпишаа договори со Министерството за економија за ревитализација на излозите на вкупно 160 дуќани во старите чаршии. За оваа намена во буџетот на ресорот за економија се обезбедени 16,5 милиони денари, а сопствениците не партиципираат во трошоците за обнова на излозите на објектите.

„На повикот пристигнаа вкупно 182 апликации, а од услови согласно повикот, исполнија 160 дуќани, од кои 115 од скопската, 38 од битолската и 7 од охридската чаршија. За жал, од струшката чаршија не добивме апликации“, рече министерот Бектеши.

Општините ќе имат рок од 1 година за имплементација на споменатите активности, а дуќанџиите немаат никаква обврска да партиципираат нивни средства, односно сите средства се обезбедени од страна на Министерството за економија, како и дозволите од надлежните институции одговорни за чаршиите, како што се Министерство за култура и конзерваторските центри.