ДИК се откажа од надоместоците, ги намали за членовите на општинските комисии и одборите

10.10.2018 15:50

Државната изборна комисија се откажа од надоместоците за себе, а ги намали за членовите на општинските комисии и избирачките одбори. Се планира целосно укинување на парите за претставниците на администрацијата...

Државната изборна комисија се откажа од надоместоците за референдумскиот процес. Тоа го предвиде во новиот правилник што ги изгласаа едногласно членовите на комисијата. Претседателот, Оливер Деркоски посочи дека ова е резултат на нивната тенденција за рационализација на финансиските средства со намалување на трошоците од претходните изборни процеси.

ДИК ги намали и трошоците за членовите на другите изборни органи, од 20 до 60 проценти. Надоместоците за Општинските изборни комисии според правилникот се различни за претседателите, замениците и претставниците на администрацијата зависно од тоа колку избирачки места се опфатени.

Се движат од 20 до 40 илјади денари за претседателите, на пример. Освен тоа во Комисијата се размислува за целосно укинување на надоместоците за изборната администрација, бидејќи за нив изборниот процес е работна обврска.

Деркоски посочи дека се намалени и други трошоци за кои биле предвидени поглеми суми, така на пример гласачките ливчиња се набавени за двојно помала сума од предвидените средства. Исплатата на надоместоците ќе биде остварена во текот на месецов.

 

Фиљана Кока