Изборите нема да ги нарушат позитивните економски движења

03.03.2014 17:24

Изборите нема да предизивикаат турбуленции на макроекономски план, оценува гувернерот Богов. Економските движења се поволни, има позитивен тренд на раст, кредитирањето заживува, има ниско ниво на инфлација.

Народната банка очекува трендот да продолжи до крајот на годинава, доколку не се случат непредвидени шокови. Растот од 3,7 проценти кој е умерен е проектиран и врз однова на порастот на странските, на јавните инвестиции и на заздравувањето на европската економија.

„Оваа година очекуваме европската економија да забележи раст од 0,5 , ќе зајакне побарувачката и во традиционалните сектори, тоа ќе придонесе за повисока стапка на БДП од 3,7 проценти и тој тренд да продолжи и до 2015- та кога нашите предвидувања се да достигне 4,4 проценти“, вели Димитар Богов, гувернерот на НБРМ.

Инфлацијата е позиционирана на 2,3 насто. Народната банка проценува и во наредните години да го задржи истото рамниште. Кредитирањето според првиот човек на Централната банка ќе расте. Банките оцениле дека ризиците се намалени со излезот на Европа од рецесијата. Имаат вишок  ликвидност, кој државата преку државни хартии од вредност ќе го апсорбира и ќе го насочи во стопанството. Анализите за одржливоста на јавниот и на надворешниот долг според Богов покажуваат стабилизирање на многу пониско ниво од прогнозите на ММФ, што се должи на различните методологии. Монетарната и финансиската власт имаат сеопфатен модел, а меѓународните финансиски институции ја гледаат во еден регионален контекст. Ќе се намалува стапката на невработеност, ќе се зголемува побарувачката на работна сила, но дали ќе растат платите – го прашаа гувернерот од Студентскиот парламент.

„Платите се мали, но со доаѓање на странски инвеститори побарувачката на работна сила ќе се зголеми, а со тоа ќе се зголемат и платите, низ ова поминаа многу земји“, вели Димитар Богов, Гувернерот на НБРМ.

Во остварување на сите проекции постојат и ризици, рече Богов, посочувајќи ја ескалацијата на состојбите во Украина која може да ја смени перцепцијата на европската, па и на светската економија за кои се врзани трендовите на домашната економија.

Сузана Фиданска-Стоевска