Формула 1

Росберг по втор пат го освои Монте Карло

25.05.2014 16:48

Нико Росберг успеа да ја прекине доминацијата по 4 едноподруго победи на Хамилтон, и да стигне до својата втора победа...

Нова 1-2 победа на Мерцедес за потврда на доминацијата во новата Ф1 сезона, но на трката што значи престиж низ улиците на Монте Карло, Нико Росберг успеа да ја прекине доминацијата по 4 едноподруго победи на Хамилтон, и да стигне до својата втора победа по почетната во Австралија, вкупно 5-та во кариерата, втора во кнежевството.. Хамилтон го освои второто место, а пиедесталот го комплетира возачот на ред Бул Даниел Рикардо.

Вчерашните контроверзни квалификации дополнително ја зголемија тензијата меѓу возачите на Мерцедес, но битката на патеката сепак изостана. Росберг од пол ја задржа првата позиција, Хамилтон остана зад него, а лошиот старт на Рикардо го искористија Фетел и Раиконен за прогрес напред.

Сепак болидот на актуелниот шампион одново откажа, Раиконен беше жртва на лошата проценка за влегување во бокс, па Алонсо на крајот стигна до 4-тото место.

Возбуда во финишот донесе и информацијата дека Хамилтон поради проблеми со видливоста ја губи предноста што му овозможи позиција за напад на Рикардо , но поредокот остана непроменет. А во него Хулкенберг е на 5-тото место, Батон е 6-ти, Маса на крајот 7-ми, одличен Бјанки на 8-то место со првите поени за Марусиа, а во бодови беа и Гросжан и Магнусен.

Во пресрет на канадското гран-при на  8 јуни, Росберг го презеде водството  во генералниот поредок со 122 поена , 4 повеќе од Хамилтон, Алонсо е трет со 61, а Рикардо го мина Фетел и е на 7 зад шпанецот.