Нови документи

12.02.2024 15:11

Од полноќ, нашите граѓани кои патуваат надвор од границите, мора да го имаат в џеб пасошот со новото уставно име. И без него ќе може да се патува, но само во правец на земјава...

Во авион или на брод, во автомобил, автобус или воз, или, пак, пеш, од полноќ, нашите граѓани кои патуваат надвор од границите, мора да го имаат в џеб пасошот со новото уставно име. И без него ќе може да се патува, но само во правец на земјава и тоа со патен лист кој чини 30 евра. Дипломатско конзуларните претставништва лиферуваа информации за да им ги дообјаснат на сонародниците деталите.

Оние патници кои ќе полетаат од странство пред полноќ, а ќе слетаат во Скопје или во Охрид после полноќ ќе можат да влезат во земјата и со стариот пасош. Од МВР посочуваат дека ниту еден наш државјанин кој ќе дојде за влез во државата нема да биде вратен независно каква патна исправа ќе поседува.

А во земјава и покрај најавите дека централата за закажување термини ќе се зајакне со оператори, нашиот обид и после повеќе повици беше неуспешен. Од другата страна слушнавме само техничка секретарка.

На копнените гранични премини сè се одвива нормално.

И на скопскиот аеродром патниците главно биле со уредни патни исправи ако се има предвид дека до полноќ имаат право да ги користат и оние кои се пред истекот. Од таму велат дека протокот на патници е согласно динамиката и закажаните летови.

 

Фиљана Кока