Светот стравува од катастрофа

12.02.2024 12:39

Светот предупредува на сериозни последици во регионот на Блискиот Исток и пошироко доколку израелската војска ја продолжи офанзивата во пограничниот град Рафа...

Очите на светската јавност вперени кон Израел. Вашингтон не поддржува копнена офанзива во Рафа на границата со Египет и предупредува за можна катастрофа. Брисел бара прекин на огнот и намалување на последиците од хуманитарната криза. Тел Авив е решителен, претстојната офанзива е клучна за уништување на Хамас.

„1,2 милиони луѓе се заглавени на границата со Рафа, а ситуацијата е многу опасна. Важно е да застанеме на страната на цивилите, да бараме итен прекин на огнот. Бараме и ослободување на заложниците, како и поголем хуманитарен пристап во Појасот Газа. Мора да се стави крај на непријателствата. Палестинците и Израелците имаат право да живеат во мир и во безбедност“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Египет стравува од масовен бран на стотици илјади палестински бегалци без право да се вратат дома. Официјално Каиро предупредија на суспензија на мировниот договор со Израел доколку израелската војска влезе во густо населениот пограничен град. И Иран и Сирија се загрижени ескалацијата на тензиите.

„Сакам гласно да објавам од овде во Дамаск дека клучот за одржлива безбедност во регионот е запирањето на американско-израелски геноцид и на злосторствата врз луѓето во Газа и Палестинците“, изјави Хосеин Амирабдолахианминистер за надворешни работи на Иран.

Хамас се закани со одговор за офанзивата во Рафа и предупреди дека ќе ги запре преговорите за ослободување на заложници. Во меѓувреме, терористичката организација ослободи двајца од нив.

„Семејството нема да застане овде сè додека не се ослободат сите 134 заложници. Ќе се бориме за нивната слобода. Ќе направиме сè што можеме за ова военото злосторство да заврши“, вели Гефен Сигал Илан, внука на еден од ослободените заложници.

„Ова е операција за која се подготвувавме извесно време, направени се потребните подготовки и се чекаа условите кои ќе овозможат таа да биде ставена во функција. Благодарение на херојските воини кои паднаа во битките, кои го жртвуваа најмилото, успеваме да дојдеме до моменти на операција што ни дозволува да ги ослободиме заложниците“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

Воениот портпарол на јеменските Хути, поддржани од Иран, изјави дека нападнале брод под американско знаме во Црвеното Море. Центарот за трговски операции на Обединетото Кралство соопшти дека брод бил нападнат со два проектила. Хутите од ноември напаѓаат бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив поради израелската војна во Појасот Газа.

 

Маријана Димовска