Најмалку 12 жртви: Катастрофални поплави во Варна

20.06.2014 18:50

Дождот што врнеше како од кофа предизвика поплавен бран во Варна. Како цунами, за неколку минути водата надојде и повлече се пред себе...

Се повторуваат морничавите слики од поплавите на Балканот.  Дождот што врнеше како од кофа предизвика поплавен бран во Варна. Како цунами, за неколку минути водата надојде и повлече се пред себе – во автомобилите на улица се удавија или исчезнаа најмалку 12 луѓе, од кои две деца.

„Прво на помош дојде противпожарно возило, но беше предоцна. Имаше жртви, автомобили со цели семејства. Најдоа човек удавен под автомобилот“, вели жител на Бугарија.

Поплавата предизвика свлечишта, го прекина доводот на струја и однесе цели улици. Автомобилите пливаа низ надојдената вода, превртени или исфрлени едни врз други. Туристите се евакуираат од Албена, каде што под вода се неколку хотели.

„Беше пекол, концентриран бран како цунами дојде од ромското маало, преку две згради до нашата куќа и однесе се. За среќа се спасивме на најгорноиот кат. Трчавме“, сведочи жител на Бугарија.

Спасувачките служби со хеликоптери ги спасуваа граѓаните на Варна и на Добрич од покривите на куќите. Властите прогласија вонредна ситуација бидејќи продолжува да расте нивото на утоките на Дунав.

„Се надеваме дека ќе вратиме се на старо со заеднички напори, но луѓето што загинаа нема да се вратат. Треба да се размислува пред да се случи нешто“, вели друг жител.

Според метеоролозите, само за 24 часа паднало количество дожд колку за цел месец, а уште врнежи ќе има и во наредните денови. Европската Унија најави помош од нејзините фондови за загрозените региони.

 

Ивана Салтировска