Поплави во Бугарија: Ситуацијата се нормализира, расте бројот на жртви
Ситуацијата се нормализира во поплавените региони на Бугарија. Софија отвори центри за собирање помош. Вонредна седница на која ќе се разговара за последиците е закажана за вторник...

Во поплавите во Бугарија починаа 14 лица. Најлошо е во Варна каде што се регистрирани 11 жртви. Во Софија се отворени повеќе пунктови за собирање на помош. Премиерот на Реепублика Македонија Никола Груевски веќе понуди помош за погодените подрачја.
„Донирав помош. Сакам да им изразам сочувство на семејствата на жртвите. Се надевам дека повеќе луѓе ќе се вклучат во хуманитарната акција“, вели една жителка.
Околу 25 илјади жители немаат струја, а во прекин се и телефонските врски. Од летувалиштето Албена се евакуирани 1.200 туристи од Германија, Русија и Велика Британија.
„Сами се договоривме и организиравме и донесовме што имавме“, додава жител на Бугарија.
„Овие луѓе останаа на улица. Ако ние не им помагаме, кој ќе им помогне?“, вели друг.
Владата го прогласи 23 јуни за ден на жалост. Според многумина, неселективното сечење на шумите и лошата инфраструктура придонеле за зголемување на штетата и побрзо поплавување на Варна, Добруџа и Килифарево.
