Кој работи најмногу во Европа?

27.06.2014 15:59

Романците и Грците имаат најмногу работни часови во Европа, а Хрватите и Бугарите го делат четвртото место. Ова се резултатите од истражувањата на Институтот „Coe-Rexecode“ со седиште во Париз, објавени на нивната веб страница. Резултатите ги побиваат досегашните стереотипи дека јужњаците се помрзеливи од северните народи...

Истражувачкиот Институт „Coe-Rexecode“ ги анализираше „вистински“ реализираните  работни часови во земјите на Европската Унија во изминатите 4 години, за разлика од номиналните часови коишто вклучуваат и отсуство од работа поради боледување, грижа за деца, празници, штрајкови, или патувањето до работа и назад.

Утврдено е дека најмногу работни часови минатата година, 2.099, имале романските работници со полно работно време. Второто место им припаѓа на Грците со 2.010 работни часови, третото на Унгарците со 1.969, а четвртото го делат Бугарите и Хрватите со по 1.954 работни часови. Следуваат Полјаците, Латвијците, Словаците, Естонците и Турците.

Според истражувањето за 2013, најмалку работеле финските и француските работници со 1.648 односно 1.661 часови. Нешто повеќе работеле Швеѓаните, Данците и Белгијците, додека пак Британците и Гермаците се на средина на табелата со 1.900 односно 1.847 реални работни часови.

Трендот покажал дека меѓу 2010 и 2013 година најмалку време поминато на роботното место имале Финците, Французите, Холанѓаните и Португалците.

Бројките покажуваат дека се разбиени стереотипите дека јужњаците се помрзеливи од северњаците.

Соња Стојановска