Уапсен директорот на аеродромот во Белград

02.07.2014 15:40

Велимир Радосављевиќ уапсен под обвинение дека го оштетил претпријатието за околу 207 милиони динари (нешто помалку од 2 милиони евра).

Директорот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ Велимир Радосављевиќ е уапсен денеска во Србија, под обвинение дека го оштетил претпријатието за околу 207 милиони динари (нешто помалку од 2 милиони евра).
 
Министерството за внатрешни работи го сомничи дека со нискотарифната авиокомпанија „Визер“ во јануари 2010-та  склучил Меморандум за разбирање со кој и одобрил користење на аеродромски услуги по многу пониска цена, вклучувајќи и попуст од 20% на патничката такса, иако такви поволности не можеле да и бидат одобрени на ниту една компанија.
 
„Овие поволни услови за користење на аеродромските услуги се воведени како можност со Заклучок на српската Влада дури од 30 декември 2013-та и тоа со исполнување на одредени критериуми, кои Визер не ги исполнувал“, соопштува српското МВР.
 
Со користење на аеродромски услуги по пониска цена Визер стекнал добивка од над 200 милиони динари. Велимир Радосављевиќ бил назначен за директор на белградскиот аеродром во декември 2009 -та, само еден месец пред да ја додели ваквата поволност за нискобуџетната авиокомпанија.
 
Унгарската компанија „Визер“ во април годинава драстично го намали бројот на летови од Белград и го обвини аеродромот „Никола Тесла“ дека намерно ги подига цените за аеродромските услуги за да и помогне на домашната компанија „Ер Србија“.