Тензично во Израел по убиството на палестинското момче
Состојбата на теренот се влошува. Палестинците и полицијата во Ерусалим употребија првите камења, вторите шок бомби, а одекнале и неколку гранати...

Убиеното палестинско момче што беше киднапирано, а потоа пронајдено во Ерусалим ги подгреа сомнежите дека се работи за одмазда за бруталното убиство на тојцата грабнати и убиени еврејски тинејџери. Полицијата истражува и дали евентуално станува збор за семејно убиство заради чест.
„Премиерот Нетанјаху побара полицијата да спроведе брза истрага и ги повика сите да не го земаат законот во свои раце и да не ја попречуваат истрагата“, вели Марк Регев, портпарол на израелската влада.
„Сметам дека владата го користи убиството на тројцата израелци како изговор за поткопување на решението со две држави и секој обид за заживување на мировниот процес“, рече Саиб Ерекат, главен палестински преговарач.
Состојбата на теренот се влошува. Палестинците и полицијата во Ерусалим употребија првите камења, вторите шок бомби, а одекнале и неколку гранати. Насилствата брзо се проширија во повеќе градови. Страшната глетка со запаленото тело на 16-годишното палестинско момче, откриеноизутрината во шума во Ерусалим ја шокираше јавноста.
„Детето беше мало и слабо, не можело да пружи отпор. Го киднапирале, децата во околината виделе се. Возеле брзо, па не успеале да го стигнат автомобилот“, изјави Саид абу Кудаир, роднина на убиеното момче.
Ден претходно беа погребани трите киднапирани израелски момчиња, чиишто тела војската ги најде во Појасот Газа. Премиерот Нетанјаху порача – одговорните ќе бидат пронајдени и ќе следува силна акција против Хамас.
Официјален Тел Авив не се откажува и од воена интервенција врз делови од палестинската територија контролирани од милитантите. Ситуацијата ја усложни тоа што Хамас негираше вмешаност, а одговорноста ја презеде релативно непознатата група Поддржувачи на Исламската држава.
Ивана Салтировска
