Израел ја проширува воената операција во појасот Газа
Од вторникот изутрината, кога почна офанзивата каква што не е забележана од крајот на 2012 година, погодени се 440 цели во Појасот Газа – тунели, лансирни рампи и командни центри...

Во Газа непрекинати погребни процесии на милитанти, но и на цивили. Бројот на загинати во Појасот достигна 35. Истовремено, не прекинува стрелбата на палестинските ракети – проценките се дека имаат складирано 10 илјади. Израел ја проширува операцијата „заштитна предност“ и се заканува дека милитантите ќе платат скапо. Двете страни се под притисок на јавното мислење – Хамас да издејствува некаква отстапка, а Израел да му стави крај на ракетирањето.
„Се обидовме да ја деескалираме ситуацијата. Им пративме пораки на Хамас да ја прекинат ракетната стрелба, но продолжија. Сега реагираме ние“, рече Марк Регев, портпарол на израелскиот премиер.
„Израелската влада е целосно одговорна за влошувањето на состојбата, а ова уште не е најлошото. Со оглед на акциите на израелската влада и недостигот од меѓународна реакција, очекуваме да биде полошо“, рече Саеб Ерекат, палестински функционер.
Израелските безбедносни сили објавија снимка од престрелка со милитантите кои се обиделе да упаднат во базата Зиким преку плажата. Железната купола во текот на ноќта неутрализираше 20 палестински ракети, од кои 8 насочени кон Тел Авив, Ашкелон и Ашдод. Израелската војска само денеска изведе 129 воздушни напади. Од вторникот изутрината, кога почна офанзивата каква што не е забележана од крајот на 2012 година, погодени се 440 цели во Појасот Газа – тунели, лансирни рампи и командни центри. Израел побара трпение од своите граѓани додека ја размонтира воената машинерија на Хамас.
За разлика од претходните циклуси на насилства, не е познато колку долго ќе трае и како ќе заврши овој. Палестинскиот претседател Абас веќе побара од Египет да посредува, а осуда за насилствата дојде од Вашингтон, Брисел и Москва.
Ивана Салтировска
