Жестоки руски напади

04.09.2024 09:39

Украина под воздушна тревога. Нов руски воздушен напад. Гранатирани, Лавов, и Белгород. Експлозии и над Киев...

Нови жестоки руски напади врз Киев и центарот на Лавов. Има жртви и повредени. Погодена и зградата на универзитетот во Суми.

„Тоа беше цивилна зграда, а не воен објект. По експлозијата моравме да поминеме низ подрумот за да излеземе низ прозорецот“, изјави Ихор Сабуров – обезбедувач на универзитетот во Суми.

Над Белгород соборени украински дронови. Полска ги подигна авионите. Белата куќа со непоколеблива поддршка за Киев по нападот на Полтава во кој загинаа 51 лице, а над 250 беа повредени. Реакции за руската бруталност и од Варшава.

„Ова докажува дека Путин во текот на оваа 2,5-годишна војна има намера не само да уништи воени цели, како што тој изјавува, туку да ги уништи и цивилната инфраструктура, животите на луѓето, соништата, иднината. Овие напади бараат недвосмислен одговор. Русија мора да биде запрена. Таа е закана не само за Украина туку и за цела Европа. Мора да застанеме цврсто заедно против ова“, изјави Шимон Холовнија – претседател на Долниот дом на полскиот Парламент.

Зеленски благодарен за системите Патриот од Романија, изјави дека работи на дополнителна заштита на Украина.

„Продолжуваме да работиме со сите наши партнери за посилни решенија за нашата одбрана, за решенија со долг дострел кои можат да уништат значителен дел од руската балистика пред да биде лансирана. Таквото овластување е најголемиот чекор кон вистински крај на оваа војна. Русија едноставно не знае како да се бори без терор“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Украина ќе ја задржи окупираната руска територија додека не го принуди Путин да преговара-додава Зеленски. Од друга страна, притисокот врз војската на Киев на Покровскиот фронт расте, додека се нижат оставки во украинската влада. Последен во низата-шефот на украинската дипломатија Кулеба.

 

Бојана Крстевски