Нова германска инвестиција
Во скопската слободна економска зона означен почетокот на реализацијата на нова германска инвестиција, вредна 65 милиони евра...
Германската „БМЗ“ удри камен-темелник на новата фабрика во Бунарџик за производство на литиум-јонски батерии. Во новиот погон треба да се вработат над 700 луѓе, инвестирани се над 65 милиони евра. „БМЗ Македонија“ веќе има постоечки капацитет во поранешен „Раде Кончар“ каде што работат 110 луѓе. Од менаџментот велат дека градат најмодерен објект чијашто изградба треба да заврши до крајот на мај. Компанијата извезува во Полска и во Германија.
„Сега во моментот најмногу работиме со Германија, извезуваме во Германија и во Полска. Целта на постоењето на фабриката во Македонија е за да може да бидеме блиску до европскиот пазар. Вистина е дека ние не сме ЕУ, меѓутоа сме во Европа. Од мај, кога очекуваме фабриката да се пушти во погон, очекуваме дека ќе се рашири и надвор од европскиот пазар“, изјави Јелица Ивановска, генерален директор на „БМЗ Македонија“.
Премиерот Мицкоски се заблагодари и на поранешниот вицепремиер Битиќи за сработеното со германскиот инвеститор. Најави дека Владата веќе преговара за неколку нови инвестиции.
„Во тек се преговори за проширување на две веќе постоечки инвестиции од странските инвеститори но и една нова којашто ја преговараме и сме во завршна фаза со уште една многу голема и моќна европска држава, членка на ЕУ. Се надевам и сум сигурен дека и таа ќе се заврши до крајот на годината со што мислам дека озбилно ќе биде исцрпен човечкиот потенцијалот за ваков тип на инвестиции кај нас и мислам дека на тој начин ќе додадеме вредност во процесот на зголемување на БДП“, изјави премиерот Мицкоски.
Од СДСМ повторно ја обвинија Владата дека се кити со нивните перја. Последната инвестиција на германската „БМЗ“, велат од опозициската партија е донесена во време на СДСМ и потпишана од поранешниот вицепремиер Битиќи.
Викторија Милевска