Жестоки напади: Израел цели на Хамас

16.07.2014 13:33

Израел го предупреди палестинското население во источна и северна Газа да се исели поради интензивните напади врз појасот. Според медиумите, од почетокот на акцијата повеќе од 200 луѓе загинале...

Жестоки воздушни и тенковски  напади на израелската војска во појасот Газа. Цел на напад се домовите на членови на Хамас. Состобата е напната. Улиците се  празни, децата не смеат да излезат од домовите исплашени   од нападите.

„Седиме цело време дома, играме плеј стејшн, гледаме телевизија и го читаме Куранот“, вели едно дете.

„Израел не бомбардира затоа што ја сакаме нашата земја“, додава друго.

Маријам Атар има 35 години и седум деца. Заедно со семејството морала да го напушти домот, поради безбедносни причини. Вели дека во последните три години неколкупати морале да се селат. Напуштеното училиште сега е нивниот  дом. Вели дека целото семејство има прихички проблеми поради честите напади.

„Ракети паѓаа врз нашиот покрив, беше многу страшно, се криевме и од страв врескавме“, вели Маријам Атар, жителка на Газа.

Израел го предупреди палестинското население во источна и северна Газа да се исели поради интензивните напади врз појасот. Според медиумите, од почетокот на акцијата повеќе од 200 луѓе загинале.

Мировната иницијатива од страна на Египет не успеа да ги спречи ракетните напади на Хамас.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган со остри критики кон еврејската држава поради теророт врз муслиманското население.

„Тоа се терористи, Израел сее смрт врз муслиманите на Газа исто како и на секој Рамазан. Се преправаат дека го прифатиле предлогот за примирје од Египет. И во 2012-та имаше таков договор, ама никогаш не се спроведе“, рече турскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган.

Израелските сили ја почнаа операцијата „Заштитна линија“ на 8 јули со цел да ги спречат ракетирањата од Газа. Обединетите Нации известија дека поголемиот дел од жртвите во појасот се цивили.

Марија Петковска