Грипот удира и по џебот
Вирусот е удар врз здравјето, но и удар врз џебот. Сите оние витамини и додатоци кои помагаат да се справиме со грипот чинат пари...

Вирусите се удар врз здравјето на граѓаните, но и удар по нивниот џеб. Пресметките се дека околу 3.000 денари се потребни за лекување со антибиотик и за зајакнување на имунитет со витамини. Витамин Ц, Д и цинк се суплементи кои се препорачуваат да се земаат во текот на целата зима, не само кога сме болни. Дел од повозрасните граѓани редовно ги земаат со хроничната терапија што ја примаат, велат им претставуваат сериозен товар по домашниот буџет – но неопходни им се и мораат да ги купуваат.
„Трошам колку треба. Ц, Д витамин – основните ги купувам.“
„Само Д3 користам.“
„Редовно користам, магнезиум, Д витамин, за остеопороза. Витамините се ненормално скапи за нашите примања. И плус редовната терапија што ја примам.“
„Од сите витамини, ако не се тие, ние сме во години. Колку пари од домашниот буџет се трошат за витамини? Тоа не прашувај, и за редовни лекови и за витамини, се троши“- велат граѓаните кои ги анектиравме.
Подобро е да се заштити организмот и да се зајакне имунитетот пред да не нападат вирусите, а не откако ќе се лекуваме со антибиотска терапија – ова е советот и на лекарите и на фармацевтите. Доколку се земаат превентивно – граѓаните треба да издвојат од 800 до 1.000 денари. Но, доколку не сме го заштитиле организмот, тогаш е поскапо.
„Доколку настанат компликации, доколку не се превенира организмот од инфекции тогаш доаѓа до употреба на антибиотици, антибиотиците повлекуваат употреба на пробиотици, се намалува имунолошкиот одговор и секако мора да се употребуваат претходно споменатите витамини и минерали и во овој случај цената достигнува и до три илјади денари месечна терапија“, изјави Елена Китановска – магистер по фармација.
Во наредниот период бројот на заболени од грип ќе расте – пикот се очекува кон крајот на месецов или почетокот на февруари.
Витамините и минералите се неопходни во овој период од годината за зајакнување на имунитет кога бројот на заболени од грип се зголемува – во првата недела од новата година заболеле повеќе од 330 граѓани-речиси 50 проценти повеќе од претходната недела.
Андријана Ѓурческа