Се гради кај ќе се стигне
Проблемот со загадувањето не се решава со препораки, туку со сериозни превентивни мерки, велат архитектите кои со години алармираат дека состојбата не чини...

Сообраќајот, домаќинствата, но најмногу непланското градење висококатници се најголемите проблеми поради се поголемата загаденост на Скопје, но и на цела Македонија, алармира експертската фела. Архитектите со години апелираат дека мора да се стави крај на експанзијата, оти тоа само дополнително го гуши просторот. Според Мишко Ралев, дополнителен проблем се и лошите градежни материјали.
Дека висококатниците никнуваат како печурки на секој чекор, реагираат и граѓаните. Велат, се гради кај ќе се стигне и затоа нема струење на воздухот во целиот град.
Потребни се долгорочни промени, смета и деканот на Градежниот факултет Горан Марковски.
Во зимските денови воздухот со денови е екстремно загаден. Тоа секојдневно го покажуваа мерните станици на Министерството за животна средина. Од таму велат дека има многу причини, а за да се најде решение за проблемот, мора сите да придонесеме.
Експертите сметаат дека за спас од загаденоста потребни се сериозни мерки, а не само препораки.
Скопје и други градови во Македонија со години се меѓу најзагадените во Европа и светот. Последните анализи, пак, покажуваат дека две третини од населението во Македонија, односно 62%, се грее на дрва, за разлика од 28,60% што користат струја. Останатите се топлат од јавни котларници, но и со јаглен, нафта, брикети или гас.
СЗО предупредува дека во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе.
Борис Грујоски