Почит за загинатите
Регионот и светот сочувствуваат со Македонија. Голем број на медиуми постојано известуваат за трагичниот настан во кој земјава загуби 59 млади луѓе...

Обединети во болката на македонскиот народ, светот и регионот им оддаде почит на загинатите во пожарот во Кочани. Националната галерија и плоштадот во Мелбурн беа осветлени во боите на македонското знаме. Државата Викторија стои заедно со македонската заедница, нашите срца се во тешка и длабока тага-стоеше во објавата на социјалните мрежи. Црвено-жолтата боја беше прелеана и на зградата на градскиот совет во австралискиот град Перт во знак на сеќавање на загубените млади животи. Илјадници граѓани на плоштадот во Софија и во Белград тагата ја изразија со едноминутно молчење оддавајќи почит за прерано згаснатите животи.
„Погребани настраданите во Кочани“ – известуваше српски РТС за погребните церемонии на 59-те жртви.
„Тишина, тага и солзи“ – стоеше на насловната на хрватскиот медиум ХРТ.
Последното збогум-освана и на порталите во Бугарија. Сведоштва за трагедијата беа пренесени на страниците на Би-Би-Си. Известуваа и за последното испраќање на најблиските во Кочани.
„Погребната поворка во Кочани беше долга – и разбирливо мрачна. Овој мал град со помалку од 30.000 жители изгуби десетици свои млади луѓе“, напиша-Би-Би-Си.
Светската агенција Асошиетед Прес постојано известуваше за се што е поврзано со трагедијата, а пренесуваше и за погребната церемонија во Кочани и во Штип.
„Илјадници ожалостени се собраа на погребите во четвртокот во Северна Македонија за десетиците жртви од катастрофалниот пожар во ноќниот клуб минатиот викенд, носејќи цвеќиња и фотографии, дел од ни се уриваа од тага“, пренесе АП.
Обединети во болката и тагата, сочувствувајќи со македонската загуба, во Белград и во Благоевград се организираа и крводарителски акции.
Бојана Крстевски