60-дневен прекин на огнот
Хамас го прифати предлогот на САД за 60-дневен прекин на огнот во Газа, очекува чесен договор или ќе продолжи со борбите. Тел Авив ја разгледува содржината на одговорот на милитантите...

Хамас позитивно одговори на предлогот за 60-дневен прекин на огнот во Газа, отворајќи го патот кон договор за запирање на конфликтот по месеци неуспешни напори. Сепак, групата најави дека е подготвена да продолжи да се бори ако не се понуди чесен договор, откако побара гаранции дека новиот предлог ќе доведе до целосен крај на војната.
„Хамас поднесе позитивен одговор до медијаторите и движењето е целосно подготвено веднаш да влезе во рунда преговори во врска со механизмот за спроведување на оваа рамка“ - се вели во соопштението на Хамас.
Тел Авив потврди дека го добиле одговорот од Хамас и ја разгледуваат неговата содржина. Трамп соопшти дека Израел ја прифатил мировната рамка предложена од САД и верува оти примирјето може да се случи наскоро.
„Верував дека ќе биде позитивно, мора да завршиме со тоа, да направиме нешто во врска со Газа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Сепак, ситуацијата останува неизвесна по засилените продолжени израелските напади во Појасот. Според ОН, само на дистрибутивните точки досега се убиени над 600 луѓе, а речиси 4.000 се повредени. Илјадници Палестинци редовно се собираат таму за да добијат храна за своите семејства и сведочат за немилосрдните убиства. Канцеларијата за човекови права бара истрага.
„Вознемирен сум и загрижен дека моите деца нема да имаат храна. Ја поминувам ноќта на улица во близина на дистрибутивните пунктови додека не добијам нешто за нив. Ситуацијата е навистина тешка. Млади мажи се убиваат или повредуваат. Ова е трет пат како сум таму и сè уште нема ништо“, изјави Фирас Вашах, жител на Газа.
„Според најновите бројки, од 27 јуни регистриравме 613 убиства, и на пунктовите и во близина на хуманитарните конвои. Јасно е дека израелската војска гранатирала и пукала врз Палестинците кои се обидувале да стигнат до точките за дистрибуција. Ни треба истрага и одговорност за овие убиства“, изјави Равина Шамдасани, портпаролка на Канцеларијата за човекови права на ОН.
В понеделник Нетанјаху пристига во Белата куќа на разговори со Трамп. Се очекува примирјето во Газа да биде една од темите на разговорите. Најновиот предлог предвидува постепено ослободување на 10 живи израелски заложници и враќање на телата на уште 18 во замена за палестински затвореници, одредби за итна испорака на хуманитарна помош, повлекување на израелските трупи од одредени области и почеток на преговори за конечно завршување на конфликтот.
Бојана Крстевски