МВР: Одговорност мора да има

05.07.2025 16:39

Министерот за внатрешни работи Тошковски даде отчет за сработеното досега. Одговорност за трагедијата во кочанската дискотеката „Пулс“ мора да има – вели Тошковски...

Во изминатата година разбиени се 14 криминални групи, со над 200 сторители, меѓу нив и група која била вмешана во девет убиства, изнуди, палења и напади врз полицијата. Насилство нема да се толерира – министерот за внатрешни работи Тошковски даде отчет за сработеното. Во борбата со дрогата запленети се над 430 килограми наркотици, меѓу кои рекордни количини кокаин. Тошковски вели – криминалот и корупцијата се предизвици со кои се соочуваме, поднесени се повеќе од 120 кривични пријави за корупција во здравството, енергетиката, даночниот и безбедносниот систем. Овие коруптивни шеми ја оштетиле државата од над 17 милијарди денари, пари кои во иднина ќе бидат вратени на граѓаните.

„Ова е доказ дека државата си ја враќа силата и нема да толерира никакво насилствоОваа влада, ова министерство, нема да седи со скрстени раце додека криминалот ни ги уништува животитеНие сме тука за да го заштитиме секој граѓани“, изјави Панче Тошковски – министер за внатрешни работи.

Одговорност за трагедијата во кочанската дискотеката „Пулс“ мора да има – вели Тошковски. Поднесени се кривични пријави против десетици сторители, меѓу кои поранешни и актуелни министри, директори, градоначалници, раководители на институции, полициски службеници и други носители на функции.

„За разлика од минатото кога по такви трагични настани немало ниту една кривична пријава поднесена од МВР, сега МВР почна најголема истрага досега која резултираше со поднесување повеќе кривични пријави против десетици сторители“, изјави министерот Тошковски.

Тошковски не е задоволен од состојбата во сообраќајот. Вели иако се намалени сообраќајните несреќи и бројот на повредени, сепак сè уште многу луѓе гинат на улиците. Уверува дека со ставање во функција на системот безбеден град, за кој се очекуваат законски измени, ќе се стави ред во сообраќајот.

Системот „безбеден град“ предвидено е да стартува следната година. Ќе донесе поригорозни мерки за прекршоците во сообраќајот, меѓу кои и одземање возило. Проектот е почнат пред 10-тина години, но неговата функционалност не е видлива.

Андријана Ѓурческа