Нови технологии за навремен и секогаш достапен авиотранспорт!

11.09.2014 16:34

Новата технологија се очекува да биде фунционална за две години. Ќе овозможи и при намалена видливост да се реализираат полетувања и слетувања од Александар Велики...

Скопскиот аеродром ќе добие систем за сателитска навигација на воздухопловите. Ќе го реши проблемот со летовите и во услови на густа магла. Новата технологија се очекува да биде фунционална за две години. Ќе овозможи и при намалена видливост да се реализираат полетувања и слетувања од Александар Велики. 

„Се прават сите анализи, оперативни финансиски и технички и истите штом ќе ги добиеме, јавноста веднаш ќе биде информирана. За неколку месеци треба да го започнаме процесот кој ќе овозможи осовременување на системот за контрола на летање и на аеродромската инфраструктура“, вели Дејан Мојсоски, директор на АЦВП. 

Се разгледува моделот со кој Македонија ќе може да аплицира. Со Еуроконторл ќе се работи физибилити студија – решение за реализација на летовите и во услови на магла.

„Со новите технологии се обидуваме да обезбедиме навремен и секогаш достапен авио транспорт. Се соочуваме со откажани летови, пренасочени летови и незадоволни патници, па затоа време е да се стави акцент на тоа што треба да сториме за подобрување на оваа ситуација“, нагласува Лук Тудгот, директор на директоратот на Еуроконтрол.

Статистиката покажува- во последните 20 години во просек три магливи дена, лани скоро еден месец „Александар Велики“ работеше со намалена видливост за слетување. Дел од компаниите беа пренасочувани на Охридскиот и на алтернативни аеродроми. Со новата технологија ТАВ очекува да се зголеми безбендоста, да се намали емисијата на штетни гасови, да заштедат компанииите и самиот аеродром.

„Сега заедно со М- НАВ водиме постапка за промена на пристапот на слетување на Скопскиот аеродорм што битно би требало да ја намали досегашната квота на вертикално слетување на овој аеродром“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

Македонија ќе биде прва земја во Југоистоична Европа што ќе користи систем на сателитскта навигација на воздухопловите што ќе овозможи поголема безбедност и прецизно слетување. 

 

Сузана Фиданска- Стоевска