„Професорскиот пленум“ пропушти шанса за дебата за реформите во образованието

07.01.2015 17:43

Експертската јавност пак се сомнева дека зад избегнувањето на дебатата се кријат партиски интереси...

Од скандал до јавен срам за „Професорскиот пленум“ - се коментарите на социјалните мрежи откако „Пленумците“ јавно прифатија да учествуваат на дебатата за измените во високото образование, а после кусо време се премислија, со образложение дека се збуниле.
 
Најнапред на професорите кои се против реформите им пречеше локацијата. Откако беше прифатено нивното барање за дебата во Парламентот тие сепак  избегнаа да ги соочат аргументите или да предложат измени за подобрување на стандардите во високото образование.
 
Бегајќи од дебата за реформите во високото образование професорите „Пленумци“ го покажаа вистинското лице и за кого всушност одработуваат- се коментарите на експертската јавност. Тие отворено прашуваат- дали политичката кујна ги премисли универзитетските професори од „Пленумот“ да ја напуштат дебатата, при тоа претворајќи се инструмент.
 
„Како што опозицијата во голем дел од своите делувања се збунува, имам чувство дека и вчерашната ситуација на професорите беше прилично несериозна и збунувачка, како што и самите кажаа, бидејќи во нивните аргументи се виде дека нема ништо логично“, изјави профсорката Тања Каракамишева.
Реформите кои се предлагаат ќе придонесат за дополнителен квалитет во образованието, а со тоа и за поквалитетни кадри, смета докторантот на Правниот факултет, Тимчо Муцунски.
 
„Неучеството во дебатата од страна на професорите кои генерално се спортивставуват на концептот и потребата за реформа во високообразовниот и научниот процес е само уште една пропуштена шанса во демократски овозможен дијалог да ги искажат своите ставови и мислења, за кои верувам дека можат да бидат конструктивни, а уште повеќе сум убеден дека постои волја да бидат разгледани и можеби прифатени од страна на предлагачот на измените“, смета Муцунски.
 
Измените во високото образование предвидуваат  поголем ангажман околу објавување на научни трудови. Професорската фела веќе искоментира дека оние кои до сега не работеле на универзитетите со полна пареа за подобрување на квалитетот, сега им е нарушена комоцијата, па реформите им се тешки.
 
Миле А. Ристески