Американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли во интервју за Македонската телевизија

20.08.2015 20:45

„Календарот е амбициозен, но сметам дека тоа сега и е потребно на земјава“
 
 
Тој зборува за најжешките прашања од политичкиот договор, за спорот за името, за евроатлантската иднина, за односите меѓу САД и Македонија.
 

Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли беше директно вклучен во подобрување на политичкиот дијалог во Македонија и во преговорите за потпишување на договорот од страна на лидерската четворка. За примената на овој договор, разговараме во американската амбасада во Скопје.

Амбасадоре, работните групи на крајот на јули ја одржаа првата заедничка средба на која беше отворено прашањето за изборното законодавство. Сега од половината на август се очекува интензивирање на состаноците за спроведување на договорот. Дали оди се согласно со договорената динамика?

- Да, мислам дека да. Како што рековте, работните групи неделава се среќаваат секојдневно за да ги разгледаат клучните прашања. Причината е тоа што има многу работа во оваа битна агенда. Ќе се фокусираат на решенијата и на потребата за спроведување на договореното во даденото време. Важно е да се запомни зошто постојат тие договори, која е нивната крајна цел, односно да овозможат порамноправен терен за изборите закажани во април, да создадат систем на повеќе проверки и рамнотежа во вашиот систем на владеење, да се справат со прашањата што произлегуваат од скандалот со прислушувањето, вклучувајќи ги наводните злоупотреби и да помогнат земјата да тргне напред со реформите особено во однос на членството во ЕУ. Ова се важни цели и ќе треба фокусирање и работа.

Календарот со обврски е прецизно утврден. Од први септември опозицијата треба да се врати во Парламентот, а веќе две недели подоцна треба да се избере специјален обвинител кој треба да спроведе истрага за прислушуваните разговори. Која, според вас, ќе биде најжешка точка од договорот?

- Како што рековте, постои договорена агенда како да напредуваме во однос на датумите и роковите. Како што рековте, опозицијата ќе се врати во Собранието на 1. септември. Тоа е важно за функционирањето на демократијата, да имате активна опозиција во Парламентот. Специјалниот обвинител ќе биде именуван на 15. септември. Обвинителот ќе има целосна автономија да ги истражи прашањата, да реши или да не реши дали да има обвиненија, се разбира, следејќи ги правилата за презумпција на невиност. Ќе му треба соодветен персонал и ресурси за да го спроведе тоа. Повторно, тоа е нормално во развиена демократија, кога имате политички чувствителни случаи за кои сакате да создадете доверба дека судењето ќе биде фер и непристрасно. Потоа имате прашања во врска со изборниот закон, вклучувајќи ревизии или промени на избирачкиот список, можеби и надлежните од Државната изборна комисија и други прашања од кои многу ги идентификуваше ОБСЕ. Потоа продолжува. Имате дискусија за медиумите, важно е да ја вклучите улогата на јавниот дифузен сервис, вашата станица, во обезбедувањето урамнотежени и фер вести, да се разгледа раководната структура на јавниот дифузен сервис и да се разгледа прашањето за владиното рекламирање, да се осигурате дека нема да се користи за партиско влијание врз медиумите. Потоа, на 20. октомври, го имате прашањето за промената на министрите. И тоа продолжува. Календарот е амбициозен, но сметам дека тоа сега ѝ е потребно на земјава.

Ќе се испочитуваат ли роковите за на крајот на април да има парламентарни избори со целосно исполнет договор?

- Верувам дека да. Се разбира, изборите зависат од спроведувањето на договорот. Верувам во тоа бидејќи сметам дека македонскиот народ го сака ова, сакаат да излезат од периодот на криза и да продолжат да функционираат нормално. Тоа е разбирливо. Ќе треба да се фокусирате, да има политичка волја, но верувам дека е можно.

- Дали очекуваат проблематизирање на некоја точка, дали има нови барања кои можеби ќе станат дел од договорот?

Не знам дали ќе има нови работи што ќе станат дел од договорот, би рекол дека во однос на прашањата има работи што ќе треба да бидат детално разгледани. Во однос на тоа дали ќе има несогласувања меѓу партиите, се разбира, затоа имаме преговори за да го поминеме овој процес. Запомнете, важно е да се разгледаат прашањата за да се зацврстат вашите демократски институции, како што реков, за да се создадат повеќе проверки и рамнотежа и рамноправен терен за изборите, да се разгледаат обвиненијата за злоупотреба за фер и транспарентен начин. Сето тоа води кон тоа Македонија да застане поцврсто на патот кон членство во ЕУ и во НАТО. Мислам дека тоа е цел што ја поддржуваат сите во земјава, поголемото мнозинство од граѓаните. Затоа мислам дека тие очекуваат да биде спроведен договорот.

Повеќе од 20 години САД и Македонија градат динамично партнерство. Амбасадоре, ветивте дека за време на вашиот престој во Македонија ќе работите на зајакнување на односите меѓу двете земји. Кои се главните предизвици?

- Како што рековте, горди сме што сме овде за прославата наредниот месец на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Р. Македонија. Во моето време досега, во моите први шест месеци, доминираа прашањата околу политичката криза. Тоа е нормално бидејќи мојот приоритет овде, приоритетот на САД, е да ѝ помогнеме на Македонија да стане отпорна, напредна мултиетничка демократија, целосно интегрирана во евроатлантските институции. Нормално е тоа да ми биде приоритет. Со оглед на тоа, работиме и на многу други работи. Работиме заедно на борбата против заканите од ИДИЛ и нивната способност со отровна идеологија да привлекуваат некои од вашите граѓани да се борат во Сирија и во Ирак. Сакаме да помогнеме и во тоа, ќе имаме средба на таа тема на Генералното собрание на ОН наредниот месец. Сакаме да помогнеме во создавањето добра средина за претприемништвото, за инвестициите, за нашите инвеститори да работат овде. Сакаме да работиме на прашањата околу владеењето на законот и професионализација во судството и во полицијата, тоа се битни области што беа идентификувани во различни извештаи. Сакаме да помогнеме во зближувањето на граѓаните на нашите земји, тоа е знак на здрава и динамична врска во сите полиња. Во моментов, секој ден во Македонија има околу 80  американски волонтери од Мировниот корпус што работат во училиштата и во заедниците низ земјава, ги градат тие врски меѓу нашите земји и со гордост велам дека таа програма продолжува да се шири бидејќи граѓаните од нашата и од вашата земја го сакаат тоа. Сметам дека тоа е многу здрав знак за нашите односи.

Македонија и Грција потпишаа договор за унапредување на билатералните односи, но сепак спорот за името останува главна пречка. Од друга страна, земјава ги добива сите пофалби како верен партнер во сите воени мисии во светот. Дали на наредниот самит на НАТО може да се валоризира нејзината лојалност?

- Како што рековте, Македонија е непоколеблив партнер во меѓународните безбедносни операции, нашите војници служеа заедно во Ирак, во Авганистан и на Балканот. Всушност, македонски и американски војници ја бранеа американската амбасада во Кабул, Авганистан, кога беше нападната. Сакаме Македонија да биде полноправна членка на НАТО и продолжуваме да ѝ помагаме на македонската војска да се подготви за членството во НАТО, како и за учеството во други меѓународни мировни операции. Се разбира, на самитот во Букурешт НАТО реши да ѝ понуди членство на Македонија штом ќе го реши спорот за името со Грција. Тоа останува пречка. Но добро е да се види напорот за изградба на доверба меѓу двете земји преку практични области на соработка и се надеваме дека таа доверба што може да се зголеми како резултат на таа интеракција ќе помогне во битните дискусии неопходни во однос на проблемот со името. Сакаме тоа да се реши најбрзо што може, се разбира, зависи од двете земји, но ние сакаме да помогнеме, да помогнеме процесот во ОН да го постигне тоа.

Кусо сте во Македонија, но имавте посети на повеќе градови со мешан етнички состав. Како вие во моментов ги оценувате меѓуетничките односи во Македонија?

- Како што рековте, овде сум  6 месеци и не сум експерт за Македонија, но би рекол дека на 11. мај, ден по големата трагедија во Куманово, забележав дека имаше наслови во некои весници што сугерираа можно враќање на ужасниот конфликт од 2001, но знаете што? Тоа не се случи. Знаете зошто не се случи? Затоа што македонските граѓани од сите заедници го отфрлија насилството, нивните лидери го отфрлија насилството. Мислам дека работите се сменети низ годините. Со оглед на тоа, и покрај напредокот во многу области, во претставеноста на етничките заедници во владата, на пример, остануваат многу предизвици. Американец сум, ги знам предизвиците на живеењето во разновидно мултиетничко и мултирелигиско општество. Неопходна е упорност за да се надминат проблемите со дискриминацијата, да се изгради толерантност, да се изгради почит кон разновидноста. Сакаме да ѝ помогнеме на Македонија да се справи со тој предизвик, зборувајќи за примери од нашата историја, добри и лоши, но и преку конкретни напори за помош. Ја имаме програмата УСАИД која работи со училиштата и со општините во земјава за да внесе меѓуетнички активности во училиштата и тоа е многу важно бидејќи за иднината на Македонија е клучно младите граѓани на земјава да имаат заедничка визија, што значи да се биде граѓанин на Македонија и што сакаат од иднината. Како што реков, Македонците од сите етнички групи, од сите религии, претпочитаат интеграција во Европа. Силно го поддржуваме тоа.

30 години работите како дипломат во Европа, на Блискиот Исток, во Африка и во Азија. Како се чуствувате во Македонија и кои се вашите главни предизвици?

- Се чувствувам многу пријатно во Македонија, бев топло пречекан пред повеќе од 6 месеци. Работата ми е многу полесна кога работам со луѓе што се пријателски настроени кон односите со САД. Имав можност да посетам многу заедници, пешачев на планина, скијав на планина, берев планински чај... Овде има огромна убавина и култура, одлична храна, одлична винска индустрија во развој. Што да не ми се допадне? Што се однесува до предизвиците, пред неколку недели зборував со група млади луѓе, тинејџери, кои ми поставија слично прашање: Кој е најголемиот проблем во Македонија? Политичката ситуација, економската ситуација, меѓуетничките односи, економијата? Се замислив за миг и, како што веќе разговаравме, сето тоа се многу важни прашања, но мислам дека најголемиот предизвик, како што им реков, е да се задржат младите, кои се динамични, заинтересирани, креативни, талентирани во земјава. Многу од нив сакаат да заминат и сметам дека е предизвик за лидерите, било да се од владата, од бизнисот, од академската заедница, од која било професија, да создадат средина во која младите, динамични и талентирани луѓе, какви што има многу, да сакаат да останат и да ги градат овде своите бизниси и животи. Би сакал на некој, иако мал начин, да придонесам во тие напори и се надевам дека нашата амбасада, не само јас, туку целата амбасада, ќе може да го направи тоа.

Амбасадоре, уште еднаш ви благодарам за времето и за интервјуто што го дадовте за Македонската телевизија.