Две инвестиции во два дена

21.10.2015 17:35

Австриски „Текспорт“ вчера отвори нов погон во Виница, а денеска стави камен темелник на идната фабрика во општина Илинден...

Австриската компанија „Текспорт“ со две инвестиции во два дена. Вчера отвори нов погон во Виница вреден 1,5 милион евра со 180 вработени, а денеска стави камен темелник на идната фабрика за против пожарна облека во Илинден. Со потенцијал од 800 вработени, од кои најголем дел во Македонија, „Текспорт“ ќе стане најголем  светски производител во својата дејност, се пофали сопственикот Отмар Шнајдер.

„Планираната зграда за производство ќе биде околу 5.000 метри квадратни и ќе вработи околу 400- 500 луѓе. Вкупната инвестиција ќе изнесува повеќе од 4 милиони евра. Ова претставува најголема инвестиција на Текспорт. Од овие инвестиции се гледа колку Македонија е значајна за Текспорт“, вели сопственикот на компанијата,  Отмар Шнајдер.

И досега локалните индустриски зони во Илинден беа плодна дестинација за инвестирање. Реалиизрани се вкупно 168 инвестиции, од кои 31 странска.

„Горди сме што вие и вашата компанија од денес станувате дел од нашето големо бизнис семејство, особено што станува збор за една од поголемите инвестиции во општина Илинден, но и за компанија која како темел го има семејниот бизнис“, рече Жика Стојановски, градоначалник на општина Илинден.

Првите парчиња специјализирана против пожарна облека се очекува да излезат од новата фабрика на „Текспорт“ во четвртиот квартал на 2016-та. Целосното производство од Илинден ќе биде наменето исклучиво за странските пазари.

„Текспорт“ е семејна фирма основана 1992-ра, а во земјава е присутна од 1997-ма кога го отворила  првиот погон за облека. Во иднина најголем дел од продукцијата на „Текспорт“ ќе доаѓа со ознаката „Мејд ин Маседониа“.

 

Свето Николовски