5-ти јуни, нов датум за предвремени парламентарни избори

24.02.2016 12:32

Новиот датум за предвремени парламентарни избори е 5-ти јуни, а Собранието ќе се распушти на 7-ми април. Одлуката ја донесоа пратениците во пет минути пред полноќ со 83 гласа „за“ и 3 „против“...

Изутрината Собранието го презакажа датумот за предвремените избори на 5-ти јуни. Ова е епилогот од итната седница на која со 83 гласa  „за“, три гласа „против“ и ниту еден воздржан, пратениците ја усвоија измената на одлуката за распуштање на Собранието, со што новиот термин е на 7-ми април. Претходно, иницијативата за измена на одлуката до претседателот на Собранието ја доставија 27 пратеници од редовите на ДУИ, ДПА, како и пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска. На седницата не беше постигнат консенсус, СДСМ не гласаше за одлуката, според нив, не е постигнат договор за медиумите и нема напредок во пречистувањето на избирачкиот список.

„Ова е уште еден пораз на Никола Груевски и признание дека нема услови за слободни, фер и кредибилни избори на 24-ти април. Никола Груевски четири дена не собра храброст да се соочи со вистината дека ги лажеше граѓаните, затоа што се плаши од слободни и фер избори. Без прочистен избирачки список, без реформи за слободни медиуми не може да има слободни, фер и демократски избори во Република Македонија“, изјави Горан Сугаревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, срамно е што СДСМ повторно бега од соочувањето со народот. Единствен срам за политичка партија и за политичар е да бега од избори, вели Димовски.

„Од народот нема да избегате. Ниту еден меѓународен посредник, ниту еден измислен пријател, нема да ве заштити од волјата на народот. Народот ќе си дојде по своето, и народот ќе го врати суверенитетот на оваа држава, таму каде што му е местото. На 5-ти јуни со вас или без вас, граѓаните на Република Македонија ќе го изберат новото собрание“, изајви Илија Димовски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ се согласува и ја поддржува оценката на меѓународната заедница, изјави на говорницата координаторот Џафери.

„Го преземаме овој чекор со цел оваа земја и граѓаните на кои што вие се повикувате да излезат од овој политички хаос и да се вратат на инстиуционалниот пат на делување и работење тука и насекаде. Затоа ние ќе дадеме поддршка и на оваа одлука. Ги покануваме сите страни да стојат на тој дел од договорот што го потпишаа и прифатија во текот на разговорите во присуство на меѓународниот фактор“, рече Талат Џафери, координатор на пратеничката група на ДУИ.

Според претходната одлука од јунско- јулскиот договор, предвремените пратенички избори беа закажани за 24-ти април, а Собранието требаше да се самораспушти денеска.

 

Игор Панов